Граѓаните на земјите од регионот очекуваат подиректни и похрабри одлуки од страна на ЕУ, рече шефицата на босанската дипломатија Бисера Турковиќ за време на средбата со Бујар Османи, која денеска се одржа во БиХ, а тој, пак, ја истакна важноста оти ЕУ треба да ја врати европската перспектива на Западниот Балкан и да преземе стратегиско лидерство кон регионот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната работна средба со колешката од БиХ, Бисера Турковиќ, истакна оти ЕУ треба да ја врати европската перспектива на Западниот Балкан и да преземе стратегиско лидерство кон регионот, како што посочи, исто како што тоа го направи во 2000 година со земјите на Источна и Централна Европа, бидејќи руската агресија ни покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш за денеска Европа да биде единствена и безбедна.
„Амбицијата за членство во ЕУ е една од ретките точки која што не спојува во регионот и тоа не само што беше кохезивен фактор, туку беше и мотор за реформите во регионот. Последните години како што ослабува таа јасна европска перспектива кон регионот, така ослабува и моќта на тој кохезивен фактор и сè повеќе на површина излегуваат конфликтните наративи, пораст на национализмот, на националистичката реторика воопшто на Балканот, па и сецесионизмот“,
изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи за време на средбата со неговата босанска колешка Бисера Турковиќ.
„Мислам дека одговорот е јасен“, рече Османи и додаде дека за повторно да се врати таа кохезија меѓу народите потребно е враќање на европската перспектива, и преземање на стратешко лидерство од страна на ЕУ кон овој регион исто како што тоа го направи во 2000 година кон земјите на Источна и Централна Европа.
Во однос на очекувањата од француското претседателство со ЕУ, Османи посочи дека оти очекува позитивен сигнал од Париз кон регионот.
„Очекувам француското претседателство да преземе одговорност во овој период, но се разбира тоа не зависи само од Франција, затоа што одлуките во Европскиот совет се носат едногласно и доволна е само една земја да го попречи процесот. Ако прашањето е кон Франција, јас сум повеќе од позитивен дека имаат силни намери во овој дел“,
оценува Османи.
Османи на средбата со шефицата на босанската дипломатија нагласи дека безрезервно ги поддржува европските и евроатлантските аспирации на БиХ и ја охрабрува да продолжи со своите залагања на тој план.
Според Турковиќ, јасно изводливо и единствено трајно решение за Западен Балкан кое ќе ја отстрани и опасноста и ризикот од дестабилизација на регионот поради украинската криза е напредок кон полноправното членство во ЕУ и НАТО.
„Граѓаните на земјите од регионот очекуваат подиректни и похрабри одлуки од страна на ЕУ. Најефикасниот и најевтин начин на кој ЕУ може да одговори на потенцијалната дестабилизација на Балканот е да го уважи досега постигнатиот напредок, кој не е мал, особено кога станува збор за Македонија и да овозможи секоја од државите да направи пресудни чекори кон членство во Унијата“,
рече Турковиќ која нагласи дека за Сараево е важна поддршката од Скопје на нивниот пат кон ЕУ и размената на искуства.
Двајцата министри ги поздравија одличните билатерални односи и ја нагласија потребата од интензивирање на економската соработка. Турковиќ изрази надеж дека наскоро ќе биде воспоставена авиолинија Сараево – Скопје, а Османи појасни дека причина за одложувањето на стартот на авиолинијата е нејзината економска неисплатливост.
Османи за време на првата работна посета во Сараево беше примен и од претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ.
