Закупците на куќарките првпат се пријавиле на оглас во 2011 година и оттогаш секоја година со анекс им се продолжувал договорот, сè до 2018 година, од кога тие немале регулиран статус, тврдат градските власти

Статусот на закупците на дрвените куќарки со книги во центарот на Скопје ќе се регулира, најавува градоначалничката Данела Арсовска.
Од нејзиниот кабинет тврдат дека тие четири години немале никаква правна основа за користење на тие куќарки.
„Корисниците на куќарки на кејот ’13 Ноември‘ се оставени без активни договори со Град Скопје од 01.2.2018 година, односно веќе четири години немаат регулиран статус и правна основа за користење. Овие лица првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор од времетраење од една година, кој се продолжувал со анекс секоја наредна година, со што договорите им се прекинати од 31.1.2018 година“,
велат од Град Скопје.
Постојната состојба, додаваат оттаму, ги оштетува и продавачите бидејќи немаат решен статус, но и Градот кој дозволил четири години да нема регулирани односи со договори.
