Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески, за медиумите информираше дека веднаш интервенирале со сите расположливи сили, додавајќи дека нема повредени пожарникари

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска попладнево на социјалните мрежи напиша дека пожарот кај поранешната фабрика „Треска“, според индициите, најверојатно е подметнат.
„Големиот пожар во кругот на поранешната фабрика Треска е локализиран. Целата противпожарна бригада, 55 пожарникари работеа посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар. Во текот на изминатите два часа сме тука и од индициите што ги имаме се работи за пожар што е отпочнат овде, со сомненија дека е подметнат. Информација што ја добивме од околните жители е дека виделе дека лица на овој потег непосредно пред пожарот и дека во повеќе наврати се случуваат пожари на овој потег“,
напиша Арсовска.
Градоначалничката ги повика и институциите да преземат се што е во нивна надлежност, за да не се дозволи луѓето да бидат во опасност.
„Станува збор за објект, кој е дел од постапка на стечај, има стечаен управител и веруваме дека во најкраток можен рок треба надлежните институции да преземат мерки, да разговараат и да се превенира ова што се случува на оваа локација. Важно е да се заштитат граѓаните, особено имајќи предвид дека се работи за исклучително голем број околни станбени куќи и деловни објекти што беа денеска загрозени со овој пожар“,
се додава во објавата на Арсовска.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески, за медиумите информираше дека веднаш интервенирале со сите расположливи сили, додавајќи дека нема повредени пожарникари.
„Приоритет ни беше да се спречи ширење на пожарот на соседните објекти за домување, како и објектите кои се во кругот на фабриката Треска. Благодарние на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот. Изгаснат е во рамките на она што е затекнато. Нема повредени за среќа наша, ни пожарникари, ни граѓани, така да, е успешна интервенција од наша страна“,
рече Томески.
За причината на пожарот, вели, ќе утврдат истражните органи. Тој додаде дека во самата фабрика, односно во погоните кои се таму, во непосредна близина имало остатоци на лепаци, иверици, сунѓери, а според него можно е да имало некоја боца.
„Не можеме да кажеме од што е експлозијата затоа што поголем дел од кровот е срушен. Со текот на истрага ќе се покаже што е. Пожарот е локализиран и нема опасност. Се работи на расчистување да не остане нешто за да не се повтори повторно“,
рече Томески.
Претгодно, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информираше дека пожарот е локализиран и речиси целосно изгаснат, благодарение на брзата реакција на надлежните.
Противпожарната бригада, како што соопшти Општина Центар, го гаснеше пожарот со десет возила и 55 пожарникари на терен.