Констатирано е дека пациентот е без срцева реакција, притисок и без сатурација. Практично е донесен мртов, кажа докторката
Одговорно тврдам дека немаше видливи знаци на повреди на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот, кажа вечерва во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, докторката Маја Мојсова, која е директорка на КАРИЛ каде беше примен младиот Хрват.
Таа објасни зошто Тот бил без видливи траги на насилство кога бил примен во клиниката, а зборуваше и за начинот како бил третиран.
Како што посочи, ракометарот бил донесен практично мртов во клиниката односно било констатирано дека пациентот е без срцева реакција, притисок и без сатурација.
„Практично е донесен мртов. Започнато е спасување на пациентот, интубација и срцево и небелодробно оживување. Тоа траело 15 минути и било неуспешно, сè до последен момент кога е добиена срцева реакција. Во координација со дежурниот анестезиолог е решено да се направи компјутерска томографија. Брзата помош го најавува пациентот во Ургентниот центар како пациент кој е животозагрозувачки со некоја пулсна фреквенција на срцето која е спорна зошто срцето работи автоматски и во извештајот се вели без видливи повреди на телото. Екипата одлучи да го проследи на компјутерска томографија. Таму се продолжило со животоспасувачки маневри, механичка вентилација и адреналин за да може да ги спасиме сите органи. Сите органи се засегнати зошто до нив не стасува кислород, мозокот е најчувствителен. Моите колеги направиле сè за да ја одржат циркулацијата и срцевата реакција“,
рече Мојсова.
На компјутерска томографија, зборуваше таа, не може да се види сè.
„Сме виделе натепани луѓе, луѓе повредени во сообраќајки. На телото нема модринки, скршеници, повреди на ребра. Колешката испратила урина за да се откријат супстанции кои ги немаше во телото. На компјутерот на мозокот имаше жесток оток кој може да биде од повеќе причини. Извадивме и срцеви ензими за да откриеме зошто срцето престанало да работи и секогаш се покачени кога се врши реанимација. Третманот на овој пациент е ист за ваква ситуација. Ноќта помеѓу четвртокот и петок се правеа напори да се одржи во живот. Од 8 часот повторно почнува борбата за живот. Тврдам одговорно дека видливи знаци на повреди немаше. Ако нема циркулација, нема да има траги на насилство. На компјутер не се гледа се, длабоките мозочни структури не се гледаат“,
рече Мојсова.
Таа кажа дека стручниот колегиум на клиниката одлучил уште пред да побара обвинителството, да го испрати телото на обдукција до судска медицина, како што правеле и во други случаи кога не може да откријат кои се причините, и дека се надеваат оти оттаму ќе добијат одговор зошто пациентот престанал да дише.
