Сите оперативни информации, стеснет простор итн., придонесоа после повеќе часовни активности, да се резултира со негово практично приведување во станицата во Аеродром, вели Спасовски
Првоосмничениот во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотека во градскиот парк во Скопје, Анџело Ѓорѓиевски, се криел во објект во Скопје, пред да се предаде на полицијата во Аеродром.
Ова вечерва го откри министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.
Тој не сакаше да открие детали за каков објект станува збор и како што рече, истрагите мора да се водат низ институциите и кога може информациите се споделуваат со јавноста.
Според Спасовски, осомничениот се предал благодарение на опсежните мерки на тимот за потраги во Скопје односно поради стеснување на обрачот.
„Тоа значи дека сите оперативни информации, стеснет простор итн., придонесоа после повеќе часовни активности, да се резултира со негово практично приведување во станицата во Аеродром“,
рече Спасовски.
Министерот тврди дена нема причина ниту мотив ова убиство да се скрива.
„Факт е дека првичното согледување во Клиничкиот центар и нивна констатација од лекарски аспект дека нема траги на насилство е првична информација која се пласираше во јавноста и сигурно дека тоа создаде одредена забуна. Меѓутоа, апсолутно се отфрла, и тоа се покажа и сега во сите овие денови, дека нема во ниту еден момент ниту помисла, ниту причина, ниту мотив за да се направи нешто за да се скрие убиство. Гледате дека од моментот на пријавувањето од Клиничкиот центар започнуваат истражните дејствија заедно со обвинителството во рок од 24 часа се заокружува и се расчистува целиот овој случај“,
рече Спасовски.
Според информациите кои министерот ги сподели, а со кои располага МВР, во раните утрински часови кога се случил инцидентот, Итна медицинска помош била повикана во 3:33 часот, а го презеле ракометарот и го однеле во Клиничкиот центар во 3:54 часот. Во 4:11 часот, од Клиничкиот центар пријавиле во МВР дека има лице во бессознание. Оттогаш, како што рече Спасовски, истражните дејствија си земаат свој тек и нагласи дека во полиција во тие моменти немало пријава за нарушен ред и мир или дека имало тепачка. Дека лицето е подигнато од пред дискотека, како што рече, добиле информации од Итната медицинска помош.
