Како што нагласи претставничката на УНИЦЕФ во земјава, децата во Северна Македонија не можат да си дозволат дополнителен прекин на наставата и учењето. Поради тоа, мора да се изнајде брзо решение кое ќе им одговара на сите страни, а особено на децата

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, повика да се најде неопходен консензус кој би ги ставил децата на прво место за да се избегне дополнителен прекин во наставата и учењето на учениците во земјава.
„Вработените во образовниот сектор, исто како и сите други работници, имаат право да ги заштитат своите работнички права со штрајк. Во исто време, децата во Северна Македонија не можат да си дозволат дополнителен прекин на наставата и учењето. Мора да се изнајде брзо решение кое ќе им одговара на сите страни, а особено на децата“,
истакнува Ди Џовани.
Таа укажа на тоа дека Северна Македонија веќе подолго време се соочува со криза во образованието, а повеќе од половина од сите ученици на петнаесетгодишна возраст во земјата не го достигнуваат основното ниво на знаење по читање, математика и природни науки.
Како што додаде таа, покрај тоа што училиштата беа затворени за настава со физичко присуство 54 недели поради пандемијата, оваа година децата пропуштија дополнителни две недели од образовниот процес поради одложениот почеток на училишната година.
„Овие прекини придонесоа образовната криза дополнително да се продлабочи. Сега, повеќе од кога било, треба да ја забрзаме реформата во образованието и притоа мора да го имаме предвид најдобриот интерес на децата, така што секое дете ќе добие поддршка за да го надомести пропуштеното знаење. Овие загуби не само што имаат тековно негативно влијание врз децата, туку ќе влијаат и врз нивниот живот во иднина и идниот економски развој“,
наведува претставничката на УНИЦЕФ.
Таа нагласи дека дијалогот за важната улога на наставниците треба да е континуиран и да се се води во поширок контекст на реформата во образованието со цел да се обезбеди соодветно распоредување и искористување на човечките, финансиските и другите ресурси, со цел обезбедување квалитетно образование за сите деца, независно од тоа каде живеат.
„УНИЦЕФ ги повикува сите инволвирани во преговорите брзо да дојдат до неопходен консензус за да се одбегне дополнителен прекин во наставата и учењето на децата во земјата. Решението треба да биде во духот на тековните реформи во образованието и треба да предвиди пошироки структурни промени кои ќе овозможат остварување на правото на децата за пристап до квалитетно и инклузивно образование“,
вели претставничка на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани.
Во меѓувреме, денеска на третиот ден од штрајкот на просветните работници, од 15 часот беше закажана новата рунда преговори помеѓу МОН и СОНК во однос на барањата на синдикатот за зголемување на платите во образовниот сектор.
