„Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава“, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири додавајќи оти е подготвен да пренамени дел од буџетот на МОН со цел обезбедување повеќе средства со кои, како што рече, ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците што го бара СОНК
Како министер за образование и наука подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности кои се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците што го бара СОНК, истакна денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири за ТВ Алсат.
Ова, како што посочи, го побарал и од другите министри во Владата, а во тоа додаде дека гледа опција преку која би можело да се постигне решение во рамки на социјалниот дијалог со СОНК, додавајќи оти преговорите со Синдикатот се интензивираат и оти до крајот на оваа недела се надева на постигнување договор.
„Штрајкот е започнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава“,
рече Шаќири додавајќи оти заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кое платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата.
Меѓу другото, министерот додаде оти СОНК останува важен партнер на МОН во креирањето на образовните политики и дека е во план синдикатот да се вклучи во изработката на нова национална и долгорочна стратегија за образование, која ниеден министер во иднина нема да може да ја смени, а ќе ги опфати сите аспекти на образовниот систем, вклучително и можностите за кариерен и професионален развој на наставниците и за унапредување на економскиот статус.
Во меѓувреме, СОНК се уште нема добиено покана од Владата ниту од ресорните министерства во однос на продолжување на преговорите по однос на нивните барања за усогласување на платите во образовниот сектор со минималецот. За ова на Фејсбук информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
„Добро утро, добар ден! Нека денешниот ден среда биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, среќно!“,
напиша утринава на Фејсбук првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
