Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи вели дека денешниот извештај за напредокот на земјава е потврда на сработеното и движењето во вистинската насока. На денешната средба со хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, кој е во посета на земјава, Османи, изрази задоволство и за активниот пристап на Хрватска по преземањето на претседателството со ЕУ, во однос на нивните заложби за промоција и интензивирање на европските перспективи на целиот Балкан.
„Денешната посета на министерот Грлиќ Радман се совпадна со објавувањето на предвремениот Извештај за напредокот и состојбите во Република Северна Македонија, во кој уште еднаш е потврдена препораката од минатата година за почеток на преговорите“,
истакна Османи.
Тој нагласи дека по објавувањето на новата методологија за проширување на почетокот од минатиот месец, ова е втор клучен момент по октомврискиот самит, кои на голема врата ја враќаат довербата во европските интеграции и го отвораат патот за одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите уште оваа пролет.
„Објавувањето на денешниот извештај за напредокот, покажува дека довербата на Европската Комисија за нашата подготвеност не само што ја задржавме, туку и ја зголемивме, што е од исклучителна важност не само за нас, туку и за земјите – членки, а претставува и потврда за нашата работа и вистински показател дека земјава се движи во правилна насока“,
додаде Османи.
Двајцата соговорници уверуваат дека претстојниот мајски Самит на ЕУ во Загреб посветен на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе биде успешен, имајќи ја предвид историска важност во однос на зацврстување на вниманието на ЕУ кон регионот.
Во мини-извештајот што денеска беше усвоен, Европската комисија ја повторува валидноста на препораката за Северна Македонија да почне преговори за членство во ЕУ. Документот се објавува во пресрет на состаноците на Советот на ЕУ кон крајот на месецот, на кои, според најавите, би можело да се донесе одлука за старт на пристапни преговори со Скопје и со Тирана. Таква надеж денеска во Брисел изрази и портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, користејќи формулација дека верува оти тоа ќе се случи „многу пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб“ предвиден за почетокот на мај.