Од опозициската партија не објавуваат други детали, туку само истакнуваат дека предлогот е во согласност со буџетот на државата, и тој може да се реализира доколку од власта намалат со непродуктивните трошења, договорите во четири очи и матните тендери
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи закон за нивелирање на коефициентот на сложеност во образованието со минималната плата, и побара од владејачката партија СДСМ да го поддржи предлогот.
„Со нивелирање на коефициентот на сложеност на работните места во образованието со минималната плата, ќе дојде и до општ пораст на платите во образованието. Ги повикуваме пратениците на СДСМ, ДУИ и другите партии од власта да го поддржат овој предлог, кој ќе биде доставен до Собранието, како и сите опозициски партии“,
се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија не објавуваат други детали, туку само истакнуваат дека предлогот е во согласност со буџетот на државата, и тој може да се реализира доколку од власта намалат со непродуктивните трошења, договорите во четири очи и матните тендери.
„Наставниците заслужуваат поголеми примања, и нивните барања се издржани. Власта наместо да им се заканува и да се обидува да ги попречува во штрајкот, да го прифати предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде поднесен во Собранието, а со кој ќе се решат проблемите на просветните работници“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска е третиот ден од штрајкот на вработените во образованието, а се штрајкува во училиштата и градинките. Според податоците од министерствата за образование и за труд и социјална политика, во некои училишта и градинки се штрајкува целосно, некаде делумно, а некаде нема штрајк.
Штрајкот го организира СОНК, кој бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата и најави дека нема да го прекине додека не се остварат барањата. Сепак, од Синдикатот се подготвени на преговори и очекуваат да бидат повикани од Владата.
Од Владата, пак, вчера порачаа барањата да бидат реални во услови на криза и потсетија на зголемувањето на платите во образованието од 2017 година до денес.
