Според министерот за внатрешни работи Спасовски, полицијата располага со видеоснимка на која детално се гледа настанот како се одвива, а од информативни разговори постојат повеќе искази за тоа што била причината за настанот
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги отфрли обвинувањата дека некој сакал да скрие нешто во врска со убиството на ракометарот Денис Тот, како и за застој во истрагата.
Тој најави дека за едното лице по кое се трага и има централна потерница ќе се распишат и меѓународна и домашна. Официјално во МВР нема податок дека ја напуштил државата.
Според Спасовски, полицијата располага со видеоснимка на која детално се гледа настанот како се одвива, а од информативни разговори постојат повеќе искази за тоа што била причината за настанот.
„Според изјавите што имаме, тоа е некакво лично недоразбирање меѓу девојката и момчето“,
рече Спасовски.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој нагласи дека информациите дека нема траги на насилство, како што рече, ги добиле и полициските службеници кои работат на овој случај.
„Сите предмети што се и од настраданиот и од осомничените лица се преземени кај истражните органи, тие ќе бидат вештачени за да биде се како што треба. Институтот за судска медицина ја вршеше обдукцијата и ги даде резултатите и тие се дел од истражниот процес. Полицајци не присуствуваат на тој процес, туку Институтот ја врши обдукцијата. Имаме земено облека што ја носел, телефон и сите предмети што биле со него тој момент“,
изјави министерот Спасовски истакнувајќи дека пласирањето дезинформации не помага.
Тој рече дека се прибираат податоци и информации во однос на сите аспекти и оперативно се работи, по што ќе се видат резултатите од целиот настан.
„Веднаш по добивањето на информацијата нашите екипи се излезени и одат првично во Клиничкиот центар. Понатаму се бараат информации од Брза помош за да видиме од каде е подигнат човекот и се преземаат сите последователни чекори. Информацијата пласирана прва во јавноста се базира токму на увидот и анализата што ја направиле медицинските лица во Клиничкиот центар. Инаку, истражните дејствија продолжуваат понатаму се до моментот на расчистување“,
изјави Спасовски денеска.
Вчера на социјалните мрежи се појави видеоснимка од надзорните камери на кои се гледа моментот кога Тот бил нападнат.
Од ОЈО за ТВ 21 денеска велат дека со објавата на видеоснимката на ниту еден начин не може да се наштети или да се влијае врз постапката, но апелираат за воздржаност при објавата и споделувањето на видеата, чија содржина може да биде вознемирувачка за јавноста, а особено за семејството и блиските на починатиот.
