Здружението на приватни аптеки во писмено соопштение, кое го пренесе МИА, се оградува од зголемувањето на цените на заштитните маски поради коронавирусот и прстот го впери во набавувачите.
„Здружението на приватни аптеки сака да се огради од шпекулациите на одредени субјекти, дека во овие сериозни моменти на опасност од појава на епидемија од коронавирус, аптеките се ставаат во функција на профитери со неразумното покачување на цените на заштитните маски за лице. Точно е дека цените на заштитните маски се зголемени, но тоа е резултат на неколкукратно зголемените набавни цени од страна на набавувачите,“
стои во соопштението.
Минатата недела по препораки на Владата, Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови започнаа со контроли во аптеките за зголемувањето на цените на заштитните маски. Но, досегашната контрола според министерот за здравство Венко Филипче не утврдила никакви нерегуларности или зголемување на цените на заштитните маски и средствата за дезинфекција.
Филипче неколкупати апелираше граѓаните да не носат заштитни маски бидејќи, како што рече, поради манипулација со рацете, поголема е можноста за пренесување на вирусот. Заштитни маски се препорачуваат за заболените лица и за медицинскиот персонал, кој Филипче тврди е доволно опремен со резерви на заштитна опрема.