Првиот човек на СОНК во вчерашното обраќање пред новинарите посочи оти штрајкот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, дури и во случај во меѓувреме да се сретнат со владините претставници и да се усогласат по однос на нивните барањата, затоа што, како што истакна, ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин на штрајкот или одбивање на предлогот
Во основните, средните училишта и во градинките и денеска ќе продолжи штрајкот на вработените кој започна вчера. Штрајкот на просветните работници, организиран од Синдикатот за образованието, науката и културата (СОНК), е за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
Првиот човек на СОНК на вчерашната прес-конференција ја истакна масовноста на штрајкот ширум земјава, но посочи и на одредени притисоци и нерегуларности во градинки во одредени општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија. За притисоците, како што додаде најавуваат и кривични пријави оти, како што рече, „апсолутно е неприфатливо и недемократски во 21 век на некого да му се крати правото на слободно изразување на неговото незадоволство“.
За да се најде решение, министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера најави нова средба со Синдикатот во текот на оваа недела, додавајќи оти социјалниот дијалог ќе продолжи. Меѓу другото, истакна и оти штрајкот треба да биде последен чекор. Синдикалниот лидер, пак, Јаким Неделков порача дека дијалогот треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.
И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во телевизиско гостување вчера нагласи дека социјалниот дијалог продолжува и вети дека деновиве, заедно со претставниците на СОНК, ќе најдат решение коешто нема да биде на штета ниту на кадарот во градинките, ниту на родителите.
„360 степени“ вчера направи обиколката на неколку училишта и разговараше со повеќе родители од различни општини за тоа како се одвива штрајкот во образованието. Заклучокот до кој дојдовме е оти зависи од општина до општина, па и од училиште до училиште.
Во училиште во Ѓорче Петров, на пример, посведочивме како родители се враќаат со деца, додека од друга страна од тамошната синдикална организација велат дека има двајца наставници кои ги згрижуваат оние што ќе дојдат. Во Центар, пак, вработена и родители на деца ни тврдат дека настава се одржува и покрај штрајкот.
