Иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финансиски или материјален интерес. Ќе продолжам да се борам во правец да ја докажам вистината, реагира Груевски на Фејсбук
Поранешниот премиер Никола Груевски вели дека наводите кои поради кои е на црната листа на САД се неточни информации на кои, како што вели, подлегнале и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против него во Македонија, истакнувајќи дека се работи за неправда.
„Иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финансиски или материјален интерес. Ќе продолжам да се борам во правец да ја докажам вистината“,
напиша Груевски на Фејсбук, како реакција на на санкциите што прoтив него ги воведе САД.
Тој понатаму во објавата вели дека за денешната одлука се говорело подолг период, и дека како што вели, високи претставници на власта „не криеја во неформални кругови дека со години лобираа за истото да се случи“.
„Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на блаканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев. Жалам за одлуката на Стејт Департментот која ја објавија денеска, а меѓу другите се однесува на мене“,
напиша Груевски на Фејсбук.
Поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, се најдоа на црната листа на САД, соопшти Стејт департментот.
Покрај нив, на црната листа се најдоа и Гордана Тадиќ, која беше главна обвинителка на Босна и Херцеговина и Слободан Маровиќ, поранешен претседател на заедничката држава на Србија и Црна Гора.
Американската влада соопшти дека се решила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вели дека Стејт департментот и американското Министерство за финансии презеле одредени санкции за некои актери поради коруптивни и дестабилизирачки активности.
„САД и партнерите како Обединетото Кралство бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“,
напиша Блинкен на Твитер.
