Од проценетите 3,2 милиони деца кои останаа во своите домови, речиси половина би можеле да бидат изложени на ризик да немаат доволно храна
Речиси две третини од украинските деца се раселени во последните шест недели, кога започна руската инвазија на Украина, а речиси половина од децата кои се во Украина може да се соочат со глад, изјави директорот на УНИЦЕФ за вонредни ситуации Мануел Фонтен.
„Од проценетите 3,2 милиони деца кои останаа во своите домови, речиси половина би можеле да бидат изложени на ризик да немаат доволно храна. Нападите врз инфраструктурата за вода и недостигот на електрична енергија оставија околу 1,4 милиони луѓе без пристап до вода во Украина. Уште 4,6 милиони луѓе имаат само ограничен пристап до вода“,
рече Фонтен во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека за шест недели речиси две третини од украинските деца биле раселени.
„Тие беа принудени да заминат, оставајќи сè зад себе: своите домови, училишта и често членови на нивните семејства“,
рече Фонтен.
Тој истакна дека ситуацијата со децата во Украина е уште полоша во Мариупол и Херсон, „каде децата и нивните семејства веќе со недели живеат без вода, редовно снабдување со храна и медицинска нега“.
„Тие се кријат во своите куќи и подруми, чекајќи да престанат бомбардирањето и насилството“,
рече Фонтен.
Тој, исто така, изрази загриженост поради присуството на „експлозивни направи остатоци од војната“ кои можат да убијат или повредат деца, но и поради нарушувањето во образованието на децата низ Украина.
„Училиштата низ целата земја се затворени и тоа остава последици врз иднината на 5,7 милиони ученици и 1,5 милиони студенти. Во регионот Донбас животот и школувањето на цела генерација деца се загрозени поради конфликтот “,
рече Фонтен.