Ресорното министерство тврди дека згрижувањето на децата се одвива без проблем. Единствено една градинка во Гази Баба не згрижувала деца, додека една во Карпош ги згрижувала децата само во еден објект
Од вкупно 75 државни градинки, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 воопшто не се штрајкува, тврди Министерството за труд и социјална работа (МТСП) и уверуваат дека згрижувањето на деца се одвива непречено.
Само во една градинка, според МТСП, не се примале деца.
„Само во една, односно во ЈОУДГ ’Детска Радост‘, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во ЈОУДГ ’Пролет‘ Карпош се згрижуваа деца само во еден објект. Во сите другите предучилишни установи, и покрај одржување на штрајкот на вработените во градинките, непречено се одвива згрижувањето и воспитанието на децата. Целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја објавуваат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста“,
велат од Министерството.
Попладнево, пак, од Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК), рекоа дека токму во градинките се соочиле со посериозни притисоци и проблеми во однос на настојување на директорите на градинките воспитувачките по секоја цена да се грижат за своите детски групи и да се прекине штрајкот.
Штрајкот што утрово во училиштата и градинките го започна СОНК следува бидејќи не е исполнето барањето веднаш да се зголемат платите на вработените за 18,4 проценти, односно нема нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од март се зголеми од 15 200 на 18 000 денари, како и дополнителното барање – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Од Владата, пак, порачаа дека единствениот начин да се најде решение е преку социјален дијалог. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во гостувањето на „Утрински брифинг“, го обвини СОНК дека не дал шанса за преговори и посочи дека на преговорите за минимална плата се договориле усогласувањето да се направи за шест месеци, но токму СОНК по само три дена излегол и го најавил штрајкот. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека утре ќе закаже средба со синдикатот.
Во меѓувреме, штрајкот и денеска е тема на дневнополитичките обвинувања помеѓу двете најголеми партии.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача владата да ги прифати барањата на синдикатот и ја обвини владата за лошо работење.
„Да се прифатат барањата и да се нивелираат примањата на работниците, затоа што навистина тешко се живее, затоа што инфлацијата е огромна. Инфлацијата минатиот месец е 8,8% на годишно ниво и тоа е навистина е една исклучително висока стапка којашто ќе ги надмине сите проекции коишто претходно оваа некредибилна влада ги предвидуваше. Граѓанинот се осиромашува, паричникот е сè потенок, тешко се живее, одвај крај со крај се врзува и затоа, наместо да имаме богата Влада сиромашни граѓани, треба да имаме избалансирана состојба во државата, односно Влада којашто работи да го подобри стандардот на граѓаните. Затоа, веднаш и под итно да се врати законот во собраниска процедура за зголемување и нивелирање на платите согласно коефициентот на сложеност на работното место и оваа самобендисана Влада да го прифати предлогот на опозицијата и предлогот на синдикатите, ова го гледа како единствен излез од социјалниот притисок којшто и престои на владата како резултат на денешниот штрајк на вработените во образованието“,
рече Мицкоски.
СДСМ, пак, побара ВМРО-ДПМНЕ да не го партизира штрајкот и повика наставниците да се водат од интересите на децата. Пратеничката Санела Шкријељ на прес-конференција се пофали со досегашните зголемувања на платите.
„Во образованието со методолошки пристап, во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми личните приходи на наставниците за над 21%. Платите на вработените во градинките се зголемија за повеќе од 21% што во просек значи покачување од 4.300 денари за негувателки до 5.700 денари за воспитувачките, што е историски најголемо покачување до сега за овој кадар. Исто така, за прв пат во образованието се воведе кариерен напредок на наставниците кој подразбира стекнување на дополнителен паричен надомест. Со растот на минималната плата следува усогласување на сите плати, согласно членот 8-А од Законот за минимална плата. Во исто време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира Законот за наставници и стручни соработници, кој обезбедува, меѓу другото и поголеми плати. Бараме од ВМРО-ДПМНЕ да прекине со политизација на штрајкот на СОНК, тоа е на штета на наставниците и на учениците“,
рече пратеничката.
