Социјалниот дијалог, како што посочи Шаќири, ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение и најави оти денеска или утре ќе закажат средба со синдикатот
Го почитувам синдикалното право на штрајк, но тој треба да биде последен чекор, рече денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со штрајкот во образовниот сектор кој официјално од денеска започна да се спроведува.
Социјалниот дијалог, како што посочи Шаќири, ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение и најави дека денеска или утре ќе закажат средба со синдикатот.
„Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделата ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор“,
рече Шаќири при посетата на средното училиште „Владо Тасевски“ каде што се спроведува меѓународно ПИСА-тестирање.
Тој соопшти оти МОН е во комуникација со директорите на сите основни и средни училишта за тоа дали и како се одвива наставата и колку се вклучени во штрајкот, но, како што посочи, ќе имаат информации по 14 часот, односно по почетокот на втората смена во училиштата.
Во средното училиште „Владо Тасевски“ што го посети Шаќири рече дека од вкупниот број 117 вработени, 18 се во штрајк – наставен кадар и технички персонал и дека се во посебна просторија и се одвива наставата.
„Мислам дека во повеќе градови е ваква состојбата. Имам првични информации, но треба да ги потврдам информации од градови каде што имало ученици кои сакале да влезат, но од директорите не биле пуштени во училиштата поради одлуката за штрајк. Но ова се првични информации и ќе треба да го потврдам со инспекторатите – просветен и трудов дали докрај се почитува правото на штрајк. Јас го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека набргу ќе најдеме решение за оваа ситуација“,
рече Шаќири.
Министерот посочи дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со ковид-19.
На прашањето зошто МОН не соопштило во кои училишта ќе нема настава и децата односно нивните родители самите требало да се информираат, Шаќири одговори дека не сакале да се вклучат зашто, како што рече, можеби од СОНК ќе се сфатело дека сакаат да им вршат притисок. Затоа оставиле синдикатот да го менаџира процесот и директорите на училиштата да знаат кој ќе штрајкува. Притоа им се заблагодари на наставниците што денеска ги прифатиле децата иако штрајкуваат.
