Лепен ги повика сите кои не гласале за Макрон да гласаат за неа во вториот круг
Според првичните излезни анкети од денешното гласање Макрон освоил 28,1 отсто од гласовите, додека за Ле Пен се определиле 23,3 отсто од гласачите
Во своето прво обраќање по првиот изборен круг, кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен, рече дека со голема чест ќе застане против нејзиниот противкандидат, актуелниот француски претседател, Емануел Макрон, во вториот круг на изборите кој ќе се одржи на 24 април.
Ле Пен рече дека ќе се бори против визијата на Макрон за Европа што, како што рече, оди против суверените нации и луѓето кои сакаат да носат свои одлуки.

„Сакам да останам настрана од партиските политички конфликти, сакам да бидам претседател на сите ако ме изберете за претседател на Франција“,
рече Макрон.
Таа ги повика сите кои не гласале за Макрон да гласаат за неа во вториот круг.
Ле Пен рече дека ќе биде претседателка на сите Французи доколку биде избрана во вториот круг и дека ќе врши контрола на имиграцијата и ќе се грижи за безбедноста на сите граѓани.
„Сакам да одлучиме дека Французите ќе бидат суверени и дека нашите мажи и жени ќе одлучат за тоа, а сакам да ве слушаат оние кои често ве заборавале. Сакам да се борам против поделбите што ни се наметнати и сето тоа сакам да го поништам за пет години“,
рече Ле Пен во своето обраќање.
Ле Пен, која вторпат ќе се соочи со Макрон во вториот круг од изборите, рече дека сите одлуки во Франција ќе ги носат француските граѓани и ќе се фокусираат на националните интереси во областа на економијата, социјалните права и напредокот и пристапот до поволни станови и дека нејзината голема визија е државата да се врати на нозе и да се грижи за сите кои и служат.
„Гледам надеж во ова гласање, надеж, надеж дека оваа наша оживеана сила ќе се разбуди“,
додаде таа.
Ле Пен и Макрон втор круг од претседателските избори влегуваат со тесна разлика. Според излезните анкети на Ипсос од денешното гласање, Макрон освоил 28,1 отсто од гласовите, додека за Ле Пен се определиле 23,3 проценти од француските граѓани кои гласаа денеска.
На трето место, со околу 20 отсто од гласовите е левичарот, Жан Лук Меленшон.