Украинските власти до сега утврдиле 5 600 случаи на воени злосторства сторени од руската армија во Украина
Стотици убиени цивили се пронајдени во Буча и други делови од регионот на Киев, откако руската армија се повлече од тие области.
Украинската јавна обвинителка, Ирина Венедиктова, денеска изјави дека досега се пронајдени над 1 200 тела во регионот околу главниот град.
„Пронајдовме 1 222 мртви само во регионот на Киев“,
изјави Венедиктова.

EPA-EFE/ROMAN PILIPEY
Таа не прецизираше дали бројката се однесува само на цивили или дали вклучува и убиени украински борци.
Говорејќи за британскиот „Скај њуз“, Венедиктова рече дека до сега утвриле 5 600 случи на воени злосторства сторени од руската армија во Украина.
„Отворивме 5 600 случаи само на воени злосторства во Украина. Имаме главен случај со 500 осомничени. Тоа е случај на агресија. Агресија, криминал, агресија од Руската Федерација против Украина. А тие 500 осомничени се од врвот на армијата, во врвот на политиката, топ пропагандни агенти на Руската Федерација, кои направија се, кои ја започнаа и ја продолжуваат оваа војна во Украина“,
рече главната обвинителка на Украина.
Инаку, од почетокот на руската инвазија, според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, повеќе од 4,5 милиони украинци ја напуштиле својата земја. УНХЦР соопшти дека во неделата имало 4 503 954 украински бегалци. Тоа беше за 62 291 повеќе од претходниот ден.