Оттаму изразија и сочувство за неговата смрт до семејството и најблиските на ракометарот
Министерството за здравство денеска соопшти дека министерот Беким Сали иницирал да биде спроведен инспекциски надзор за третманот на 27-годишниот ракометар на РК „Бутел“, Денис Тот, кој почина вчера на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
„Во врска со смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот, министерот за здравство согласно Законот за здравствена заштита и Законот за санитарна и здравствена инспекција, иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат да спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третманот на младиот ракометар“,
се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Оттаму изразија и сочувство за неговата смрт до семејството и најблиските на ракометарот.
Претходно Јавното обвинителство и МВР излегоа со детали за неговата смрт, а беше соопштено дека обдукцијата покажала дека смртта настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесени удари.
За неговата смрт осомничени се три лица, од кои две се приведени, додека по едниот од нив полицијата и натаму трага.
