Тој зборуваше и за придобивките од Преспанскиот договор што го постигнаа Северна Македонија и Грција, оценувајќи дека тие веќе се видливи при што како примери ги посочи започнатите инвестиции за интерконекторот за гас помеѓу двете држави и терминалот и гасната централа во Александруполи

Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Битиќи, денеска на Делфи форумот што се одржува во Грција порача дека иднината на овој регион ја гледа како целосно интегриран во Европската Унија и порача дека нашата земја е подготвена, но време е Европската Унија (ЕУ) да ги тргне препреките на нашиот европски пат.
„Иднината на регионот ја гледаме како целосно интегрирани во Европската Унија, со цврсти синџири на набавки кои не се зависни од далечните источни пазари, со силни економии кои носат добар живот за нашите граѓани. Нашите земји посветено работат за да ги постигнат европските стандарди, но време е да се тргнат пречките на нашиот европски пат, подготвени сме“,
рече Битиќи.
Тој зборуваше и за придобивките од Преспанскиот договор што го постигнаа Северна Македонија и Грција, оценувајќи дека тие веќе се видливи.
„За нашите две земји веќе носи напредок, веќе започнавме со реализирање на интерконекторот за гас помеѓу Северна Македонија и Грција, како и терминалот и гасната централа во Александруполи. Ова се значајни проекти кои значат, прво диверзификација на пазарот со енергенси за нашата земја. Ова во моментов сите гледаме и сфаќаме дека е неопходно ако гледаме што се случува со енергетскиот пазар во Европа, а е предизвикано од воената агресија на Русија врз Украина“,
рече вицепремиерот.
Обраќањето на Битиќи на Делфи форумот беше на панелот наслов „Југоисточна Европа – Западен Балкан: Стабилност или фрикција“, на кој учествуваа и посебниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Курт Вокер, специјалниот претставник на САД и Марко Чадеж.
