Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на вториот ден од протестот ги оцени како неточни изјавите на премиерот Ковачевски кој вчера рече оти ако платите во јавниот сектор нагло се покачат ќе дојде до зголемена инфлација од која, како што додаде, никој нема да има полза
Втор ден по ред државните административци на чело со Синдикатот на работници од управата, правосудството и здруженија на граѓани (УПОЗ) ги напуштија своите работни места и излегоа на двочасовен протест.
Протестираат за да го искажат своето незадоволство од неисполнетите барања од Владата кои се насочени кон усогласување на платите во администрацијата со минималната плата и додаваат оти не се точни изјавите на премиерот Ковачевски кој вчера рече дека ако се покачат платите во јавен сектор инфлацијата ќе порасне.
„Гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте. Растат цените на основните производи за живот, расте млекото, растат јајцата, расте лебот, баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот“,
изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Деаноски оцени дека излезеноста на вчерашниот протест била повеќе од доволна, а за денеска најави дека очекуваат уште поголем одѕив и додаде оти вчера имале одредени притисоци, а денеска засега нема.
Тој истакна оти Синдикатот на УПОЗ очекува покана од владата по однос на нивните барања и додаде: „Доколку не добиеме покана и доколку не се реши проблемот ќе направиме консултации со нашето членство и како што реши членството да имаме протести денеска и вчера, така ќе одлучат во кој вид и во кој обем ќе продолжиме понатаму.“
Во одговор на новинарско прашање тој појасни дека Законот за административни службеници не важи за вработените во Обвинителството и во судовите, туку важат Закон за јавно-обвинителска служба и Закон за судска служба.
„Ако се измени Законот за административни службеници ќе добијат вработените, ако воопшто добијат корекција, во државната управа, односно во министерствата, агенциите и фондовите. По вокација сум правник и поранешен адвокат и не можам да разберам кога имате Закон за минимална плата зошто треба друг закон за да се добијат 18 000 денари минимална плата. Нема правна логика никаква. Не знам кој го советува премиерот и што прават министрите и раководителите на финансии. Има Закон за минимална плата кој важи за сите вработени во државата, без разлика дали се во јавниот или приватниот сектор и тој е јасен 18 000 нето плата. Сите луѓе требаше да добијат најмалку 18 000 денари плата, па потоа да се прават корекции“,
посочи Деаноски и нагласи дека ќе преземат правни постапки против државата.
Претседателката на Синдикалната организација при јавните обвинителства Изабела Илиева посочи дека ова е првпат после дваесетина години на вработените во јавните обвинителства на некој начин да им дојде „преку глава“ за да мораат да излезат надвор и да побараат усогласување со минималната плата.
„Ние не бараме покачување на платата, туку да се почитуваат законите и да дојде до усогласување со 18-те илјади минимална плата. Ако немаме скалесто или барем линеарно усогласување од 2.806 денари ќе дојде до изедначување на примањата на сите вработени од чистачка до раководител што не е во ред. Тоа создава огромно незадоволство“,
рече Илиева.
