Раководството на Независниот синдикат за образование и наука (СОНК) на чело со претседателот Јаким Неделков, на последниот состанок во Министерството за финансии во понеделникот вечерта повторно не успеа да се договори со Владата за зголемување на платите
СОНК објави дека од Европската конфедерација на синдикатите за образование добиле силна поддршка за штрајкот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека Владата и СОНК ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати за да продолжи наставата.
„Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома“,
одговори Ковачевски на новинарско прашање за најавениот штрајк на вработените во училиштата и градинките.
Одговорајќи на новинарско прашања, премиерот истакна дека се надева во наредниот период да биде изнајдено решение, но нагласи дека децата мора да имаат настава.
„Знам дека на никого не му беше лесно, но јас се надевам дека во наредниот период ќе изнајдеме решение и дека треба да продолжи наставата, а со синдикатот ќе се изнајде решение. Бидејќи и со штрајк и без штрајк на крајот мора да има социјален дијалог којшто ќе заврши со договор помеѓу синдикатот и во овој случај Владата“,
рече Ковачевски.
Раководството на Независниот синдикат за образование и наука (СОНК) на чело со претседателот Јаким Неделков, на последниот состанок во Министерството за финансии во понеделникот вечерта повторно не успеа да се договори со Владата за зголемување на платите.
„За жал немаме краткорочно решение со кое сега и веднаш ќе се зголемат платите за дејностите кои ги застапуваме за процент од 18,4 отсто . За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса. Од една страна излегуваме разочарани што немаме што да пренесеме ниту на јавноста ниту на членството. Очигледно, или несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април кој може да има сериозни последици за сите. Имаше изјави дека покачувањето може да предизвика потрес на буџетот и инфлација, но не верувам дека тоа е така“,
изјави Неделков по завршувањето на средбата за медиумите.
Претседателот на Синдикатот за образование и наука (СОНК), Јаким Неделков, вчера на својот фејсбук-профил објави оти имал работна средба со претседателката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ЕТУЦЕ), Сузан Флокен, од која добил силна поддршка за претстојниот штрајк во образованието кој го најави Синдикатот.
Неделков во својот фејсбук-статус истакна оти за време на средбата ја информирал претседателката на ЕТУЦЕ за причините и подготовката за организирање на штрајкот во градинките, основните и средните училишта, најавен за в понеделник, и додаде оти оттаму будно ќе ги следат случувањата поврзани со штрајкот.
Синдикатот минатата недела одлучи од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките и дека одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита, кој би траел до исполнување на барањата.
