Австрија, сепак, одлучи да протера четворица руски дипломати од својата земја откако вчера шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг го искритикува потегот на европските земји кои протераа руски дипломати и истакна оти Австрија засега нема да се приклучи кон протерување руски дипломати
Откако шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг вчера го критикуваше протерувањето на руски дипломати од земјите членки на ЕУ и додаде оти земјата засега нема да се приклучи кон протерување, денеска соопшти дека сепак ќе протера четворица руски дипломати поради постапување на начин некомпатибилен со нивниот дипломатски статус, пренесе Ал џезира.
„Австрија ќе протера четворица руски дипломати поради постапување на начин некомпатибилен со нивниот дипломатски статус“,
изјави портпаролката на министерот за надворешни работи, пренесе Ал џезира.
За разлика од другите земји на ЕУ, меѓу кои се Франција, Италија и Германија кои изминативе денови протераа десетици руски дипломати од своите територии, портпаролката на шефот на австриската дипломатија не рече дека потегот е поради акциите на руските сили во Украина.
Таа, како што пренесе Ал џезира, истакна оти тројцата дипломати кои работат во руската амбасада и еден со седиште во Салцбург мора да ја напуштат земјата до 12 април.
Вчера австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг го искритикува потегот на европските земји кои се решија да протераат руски дипломати и посочи оти го задржува правото да постапува врз основа на член 11 од Виенската конвенција, кој дозволува можност да се бара намалување на бројот на дипломати на исто ниво кое земјата домаќин го има во државата чии дипломати се протерани, и укажа дека Русија ќе воведе реципрочна мерка и ќе протера исто толку австриски дипломати од Москва, што де факто ќе ја затвори Амбасадата.
Во меѓувреме, и Норвешка соопшти оти протерува тројца дипломати од руската амбасада во Осло поради „активности кои се неспоиви со нивниот дипломатски статус“, соопшти норвешкото Министерство за надворешни работи.
Шефицата на норвешката дипломатија Аникен Хитфелд наведе дека неслучајно сега се случуваат протерувањата на руските дипломати.
„Протерувањето доаѓа во време кога светот е шокиран од извештаите за злосторства извршени од руските сили врз цивили, посебно во градот Буча, во близина на Киев“,
истакна Хитфелд.