Во истрагата осомничени се и уште две лица, едното управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и друго главен надзорен инженер кој требало да го контролира спроведувањето на договорот за фасадата. За нив се бараат поблаги мерки на обезбедување, а судот ќе одлучува во редовна постапка
Покрај изигрувањето на договорот за фасадата на владината зградата, обвинителството го сомничи управителот на фирмата добитник на тендерот дека преку градежната компанија купувал недвижен имот и потоа го препродавал на политичка партија
Првоосомничениот во истрагата за фасадата на зградата на Владата, кој е управител на фирма и се товари дека го изиграл тендерот, заврши во 30-дневен притвор, додека второосомничениот, кој бил службено лице кое раководело со државен орган, доби куќен притвор.
Одлуката ја донесе судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, откако претходно барање за притвор поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое денеска и ја отвори истрагата.
Исто така, од Обвинителството посочија дека судот им го прифатил и барањето за замрзнување на имот.
„Воедно, судијата го усвои барањето за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и го прифати предлогот за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот“,
соопштија вечерва од Обвинителството не наведувајќи за колкав имот станува збор.
Во истрагата осомничени се и уште две лица, едното управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и друго главен надзорен инженер кој требало да го контролира спроведувањето на договорот за фасадата. За нив се бараат поблаги мерки на обезбедување, а судот ќе одлучува во редовна постапка.
Не биле користени материјалите што биле договорени
Со договорот за реконструкција на фасадата, како што претходно соопшти обвинителството, имотната корист со која се стекнала фирмата чиј управител е првоосомничен изнесува 484 654 000 денари (околу 7,9 милиони евра).
Иако од обвинителството не наведоа иницијали на осомничените, како ниту имињата на фирмите, според достапните документи за кои изминатите години пишуваа и медиумите, за тендерот за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата во април 2013 година договор потпишаа Службата за општи и заеднички работи на Владата со Друштвото за градежништво, трговија и услуги БАУЕР БГ ДОО Скопје.

Според информациите кои ги прибрало Обвинителството, управителот како првоосомничен во истрагата го изиграл тендерот и како докази дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиската состојба доставил три договори за заеднички настап со три други фирми кои потоа не ги ангажирал, како и два договори за подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот. Иако бил должен, тој не ги навел и не доставил податоци кои се останатите подизведувачи што потоа ги ангажирал.
Договорот понатаму бил изигран бидејќи елементи од фасадата не бил изведени со материјалите што биле предвидени во договорот.
„Подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елементи и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“,
велат од Обвинителството.
Второосомничениот – службеник, за кој обвинителството не наведе иницијали и го опиша како „раководно лице на оган на државната управа“, пак, со умисла не давал забелешки и дозволил да се користат материјали што ги немале потребните карактеристики.
„Трето и четврто осомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење на стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96% минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“,
објаснија од Обвинителството.
Фирмата добитник на тендерот купувала имот, па го препродавала на политичка партија
Покрај изигрувањето на договорот за фасадата на владината зградата, обвинителството го сомничи управителот на фирмата добитник на тендерот дека преку градежната компанија купувал недвижен имот и потоа го препродавал на политичка партија.
Имотот кој го купил бил во износ од 8 823 916 денари (околу 143 500 евра) и се наоѓал во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а за зделката се договарала со раководни лица од партијата.
„Тој, по претходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија“,
соопштија од Обвинителството.
