Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ минатиот месец најави отворање истрага за еден дел од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, но не откри детали, освен дека во истрагата ќе биде осомничен еден поранешен функционер
Од ОЈО денеска соопштија дека по сеопфатна предистражна постапка отворена е истрага против четири лица кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и осветлување на објектот на Владата
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за фасадата на зградата на Владата.
Од ОЈО денеска соопштија дека по сеопфатна предистражна постапка отворена е истрага против четири лица кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и осветлување на објектот на Владата.
Како што се наведува во соопштението, постои основано сомнение дека првоосомничениот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и поттикнување во извршување на истото кривично, додека останатите три лица – второосомничениот како службено раководно лице на орган на државна управа и трето и четврто осомничените – како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Понатаму се објаснува дека првоосомничениот „свесно ги повредил прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата на Република Македонија и ја изиграл постапката за јавна набавка доставувајќи како доказ дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиска состојба три договори за заеднички настап со три правни лица кои подоцна не ги ангажирал, како и два подизведувачки договори со правни лица на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка“.
„Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484 654 000 денари. Воедно, подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“,
велат од Обвинителството.
Второосомничениот, како што велат од Обвинителството, со умисла поттикнат од првоосомничениот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на предметниот договор не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и на тој начин дозволил подизведувачот да вградува декоративни фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики.
Трето и четвртоосомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење на стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96% минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна.
„Од декември 2014 година до месец август 2015 година првоосомничениот како одговорно лице – управител на друштвото за градежништво, трговија и услуги со искористување на посебните овластувања што ги имал согласно Законот за трговски труштва како управител на друштвото, прибавил значителна имотна корист во износ од 8 823 916 денари за политичката партија. Тој, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија“,
објаснуваат од Обвинителството.
Во текот на денот се вршат претреси на повеќе локации кои сѐ уште се во тек. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Судијата на претходна постапка ќе поднесе соодветни поднесоци за обезбедување на присуство на осомничените, воедно, ќе достави Предлог за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот, како и Барање за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот.
Од Обвинителството посочуваат дека овој предмет е дел од постапката за проектот „Скопје 2014“ .
Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ минатиот месец најави отворање истрага за еден дел од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“.
„Нацрт-наредбата за истрага е веќе подготвена. Ја прегледав и очекувам во понеделник-вторник да биде потпишана“,
рече Русковска.
Таа тогаш не сакаше да открие други детали за случајот, освен дека во истрагата ќе биде осомничен еден поранешен функционер.
