Одлуката е донесена во знак на солидарност со Украина
Летонија нареди затворање на два руски конзулата и му порача на персоналот да ја напушти земјата, соопшти денеска летонското Министерство за надворешни работи.
„Одлуката е донесена во знак на солидарност со Украина во нејзината борба против неиспровоцирана и неоправдана воена агресија и војната што ја започна Русија“,
се вели во соопштението на Министерството.
Се додава дека конзулатите во градовите Даугавпилс и Лијепаја ќе мора да се затворат, а персоналот мора да си замине до крајот на месецот.
По Летонија, и Естонија наложи затворање на два руски конзулата, чиј персонал мора да ја напушти таа земја, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Естонија.
Според соопштението на Министерството, персоналот на руските конзулати ќе мора да ја напушти Естонија до 30 април.
Откако десетици руски дипломати беа протерани од Германија, Франција и Данска изминативе денови, и Шпанија, Италија и Шведска се одлучија на истиот чекор и им се придружија на европските сојузници во таа одлука. Во меѓувреме, Русија истакна оти соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од голем број европски земји, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, протерувањето на руски дипломати го оцени како „кратковиден“.