Соговорниците зборувале и за влијанието на руската инвазија на Украина врз процесот на заокружување на европската иднина на земјите од Западен Балкан и ефектите на војната врз регионалната соработка во нашиот регион и пошироко

Европската интеграција на земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на статусот на евроинтегративниото досие на Република Северна Македонија, била тема на разговор на денешната средба помеѓу шефот на дипломатијата, Бујар Османи и генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Како што соопшти МНР, на средбата било изразено очекувањето за што поскоро усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладината конференција со која ќе се означи и почетокот на процесот на преговарање за членство во Европската Унија.
Во фокус на разговорите, додаваат од МНР, била и регионалната соработка и активностите во рамките на Советот за регионална соработка – Економскиот инвестициски план за Западен Балкан, социо-економската трансформација на регионот на Југоисточна Европа, Зелената агенда за Западен Балкан и други теми што придонесуваат за плодна и богата регионална соработка.
Соговорниците размениле мислења и за влијанието на руската инвазија на Украина врз процесот на заокружување на европската иднина на земјите од Западен Балкан и ефектите на војната врз регионалната соработка во нашиот регион и пошироко.
