Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Следствено, основите на препораката на Комисијата од 2019 г. за отворање пристапни преговори со Северна Македонија остануваат валидни, пишува во клучниот параграф од документот на ЕК усвоен денеска
Европската комисија се надева дека земјите членки на ЕУ ќе донесат одлука за почеток на преговори со земјава и со Албанија многу пред Самитот ЕУ-Западен Балкан закажан во мај, изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро
Во мини-извештајот што денеска беше усвоен, Европската комисија ја повторува валидноста на препораката за Северна Македонија да почне преговори за членство во ЕУ. Документот се објавува во пресрет на состаноците на Советот на ЕУ кон крајот на месецот, на кои, според најавите, би можело да се донесе одлука за старт на пристапни преговори со Скопје и со Тирана. Таква надеж денеска во Брисел изрази и портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, користејќи формулација дека верува оти тоа ќе се случи „многу пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб“ предвиден за почетокот на мај.
Советот за општи работи на ЕУ има состанок на 24 март, кога е првата шанса за одлука за преговори, а на 26 и 27 март се состануваат и лидерите на членките на ЕУ во форматот на Европскиот совет, кога е втората можност.
Документот за земјава, официјално насловен како „Ажурирање на извештајот за Северна Македонија“, е на неполни шест страници и се концентрира на постигнувањата во трите области наведени во заклучоците од Советот на ЕУ од јуни 2018 г. – судски реформи и борба против корупцијата и организираниот криминал, реформа на разузнавачкиот сектор и реформа на јавната администрација.
Во клучниот параграф од документот се наведува:
„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и условите што едногласно ги постави Советот на ЕУ во јуни 2018 г., кои беа исполнети, Комисијата во пакетот за проширување во 2019 г. препорача Советот да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Севкупно, Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Следствено, основите на препораката на Комисијата од 2019 г. за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија остануваат валидни.“
Судски реформи
Во делот за судските реформи се нотира дека се преземени значајни законски чекори за зајакнување на независноста на судството.
„Релевантните тела продолжија да функционираат, истовремено иницирајќи значајни реформи за зајакнување на сопствената ефикасност. Надлежните беа конзистентни во напорите за да ги усогласат правилата за управување на судскиот систем со меѓународните стандарди и најдобрите практики“,
пишува во мини-извештајот на ЕК.
Притоа, фактографски се наведени серија законски измени во оваа област во изминатиот период, меѓу кои и Законот за јавно обвинителство усвоен на 16 февруари со двотретинско мнозинство.
„Целта на Законот, меѓу другото, е да обезбеди одржливо решение за случаите на СЈО и да воспостави одговорност за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушување“,
се наведува во документот на ЕК за Северна Македонија.
Проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди за корупциски случаи
Документот на ЕК наведува дека во 2019 г. јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило 9 нови истраги против 52-мина осомничени високи функционери и едно правно лице (во споредба со пет случаи и седум осомничени во 2018 г. и шест случаи и десет осомничени во 2017 г.)
Во 2019 г. вкупно 38-мина биле обвинети, главно за злоупотреба на службената положба во процедури за јавни набавки, незаконско градење или незаконска продажба на државно земјиште. Притоа, се наведува случајот познат во нашата јавност како „Шпански скали“ за кој минатата недела беше поднесено обвинение.
„Летото во 2019 г. беа покренати сериозни прашања за т.н. случај ’Рекет’ со тројца инволвирани, вклучувајќи ја поранешната специјална јавна обвинителка, обвинети за наводна изнуда и злоупотреба на службената положба. Еден од обвинетите призна вина и доби тригодишна затворска казна. Во случај поврзан со овој, потпретседател на Собранието е обвинет за измама и перење пари“,
пишува во делот од мини-извештајот посветен на случајот „Рекет“.
По апсењето на поранешната специјална обвинителка и истекот на мандатот на обвинителите во СЈО, дојде до одложување во некои од судењата и како резултат на тоа некои дела застареа или судењата требаше да почнат од почеток, се констатира во документот.
Се нагласува и улогата на Антикорупциската комисија и резултатите од нејзината досегашна работа, а се нотира подобрување на ситуацијата во справувањето со борбата против организираниот криминал.
Безбедносен сектор и јавна администрација
Извештајот ги нотира и реформите во разузнавачкиот сектор за кои се констатира „добар напредок“ во согласност со препораките од извештаите на Прибе. За реформата во јавната администрација се вели дека напредокот продолжува, дека се зголемила транспарентноста на јавните институции преку спроведувањето на проектот „Отворена Влада“. Во овој сегмент се нагласува суштинската важност за професионална независност и одговорност на администрацијата, како и почитување на принципите на системот на заслуги и правична и соодветна застапеност. Од исклучителна важност е Владата и ДКСК да продолжат со активности поврзани со какви било наводи за непотизам или незаслужено работење.
*поврзана вест Заев: Нè радува извештајот на ЕК, час поскоро очекувам одлука за датум