Во телеграмата до претседателот Вучиќ, Путин истакнал оти исходот од гласањето ја потврдува „широката поддршка од граѓаните на Србија“ за неговата независна надворешна политика и изразил надеж дека активностите на Вучиќ ќе помогнат дополнително да се зајакне стратегиското партнерство меѓу двете земји
Рускиот претседател Владимир Путин им ја честита синоќешната изборна победа на српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан кои се пријателски настроени кон Москва, пренесе „Вашингтон пост“.
Во телеграмата што Путин му ја испратил на Вучиќ, рускиот претседател му ја честитал победата за реизбор на српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи оти исходот од гласањето ја потврдува широката поддршка од граѓаните на Србија за неговата независна надворешна политика.
Рускиот лидер, меѓу другото, изразил надеж дека активностите на Вучиќ ќе помогнат дополнително да се зајакне стратегиското партнерство меѓу Русија и Србија.
„Очекувам дека вашата работа како шеф на државата ќе продолжи да придонесува за зајакнување на стратегиското партнерство што постои меѓу нашите земји. Тоа секако е во интерес на братските народи на Русија и Србија“,
наведе Путин во телеграмата до Вучиќ, се вели во соопштението на Кремљ.
Во писмото испратено до премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, чија десничарска партија Фидес извојува убедлива победа на гласањето во неделата, според Кремљ, Путин рекол дека „и покрај тешката меѓународна ситуација, натамошниот развој на билатералното партнерство е целосно во согласност со интересите на народите на Русија и Унгарија“.