Вакцина против новиот коронавирус може да се очекува за три до четири месеци. За тој временски период би се направиле првите клинички испитувања, најави портпаролот на Светската здравствена организација Тарик Јашаревиќ.
„Тимови на експерти од целиот свет се ангажираат дење и ноќе во оваа и другите заеднички мисии и веруваме дека тоа ќе даде резултати. Новиот вирус е глобален проблем, а вакцината против него е глобален напор да имаме поддршка и од Светска банка и од Коалицијата за иновации во спречувањето на ширење заразни болести. Целта на сите е да се најде вакцина што е можно поскоро”,
изјавил Јашаревиќ за „Вечерње новости“.
Според него, потврдено е врз основа на генетската структура на вирусот дека не доаѓа од лабораторија, а се зголемуваат докази за поврзаност на ковид-19 со слични коронавируси кои се јавуваат кај лилјаци.
„Самиот почеток и пренесувањето на вирусот на луѓе досега е нејасен. Најверојатната претпоставка е дека животно е преносник од лилјаци на луѓе”,
рекол Јашаревиќ, кој посочува и дека посебна загриженост е што има случаи без без јасна епидемиолошка поврзаност.
Бројот на смртни случаи надмина 3 000
Бројот на луѓето што досега низ светот починаа од компликации настанати по заразувањето со коронавирус надмина 3 000 откако Кина денеска пријави уште 42 нови смртни случаи.
Повеќе од 90 отсто од нив се од Хубеи, кинеската провинција во која вирусот се појави кон крајот на минатата година.
Но, смртни случаи има и во други земји, вклучувајќи ги и 54-те во Иран и над 30 во Италија до вчера.
Во светски рамки има речиси 90 000 потврдени случаи на инфекција, а бројот на заразени сега расте побрзо надвор од Кина, отколку во оваа далекуисточна земја.
Светските медиуми јавуваат дека повеќето пациенти имаат само лесни симптоми, цитирајќи податоци на Светската здравствена организација (СЗО), а засега смртноста кај оваа епидемија варира меѓу два и пет отсто.
Во земјава нема нови случаи, единствената заразена закрепнува
Кога станува збор за состојбата со коронавирусот во земјава, нови случаи не се регистрирани, а единствената жена која е заразена и од минатата недела е сместена на Инфективната клиника е во добра здравствена состојба.
Паралелно, на сила се препораките кои во петокот ги издаде Владата. Тие се однесуваат на откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации. Препораките важат до 6 март за сите, особено за оние каде се очекува присуство на голем број граѓани и каде има или се очекуваат можни присутни гости од странство. Беа откажани и Струмичкиот карневал и Карневалот „Прочка“ во Прилеп, а повеќето спортски настани се одржуваа без присуство на публика.
Во сила е и препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.