Вучиќ е во предизборна кампања и ваквиот потег следува на неговото последно појавување пред молкот кој стапува на сила на полноќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва повторно излезе од фрижидер. Овој пат тоа го направи во телевизиска емисија на ТВ Пинк, каде беше гостин.
Водителката во текот на емисијата ја отвори врата од фрижидерот и оттаму излезе Вучиќ кој во рацете држеше тегла со корнишони.
Вучиќ е во предизборна кампања и ваквиот потег следува на неговото последно појавување пред молкот кој стапува на сила на полноќ. Актуелниот претседател претходно ја „запали“ политичката сцена во Србија и со предизборниот спот во кој тој, како и вечерва, излегува од фрижидер.
На изборите што треба да се одржат во недела, Вучиќ ќе се бори за нов претседателски мандат. Тој е кандидат на неговата партија Српска напредна странка (СНС) и коалицијата „Заедно можеме се“, а ќе има седум противкандидати: Здравко Понош од листата „Обединети за победа на Србија“, Милош Јовановиќ од коалицијата НАДА (Национално демократска алтернатива), Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски од Српската партија Заветници, Бошко Обрадовиќ кандидат на Патриотскиот блок, Билјана Стојковиќ кандидатка на коалицијата „Мораме“, Миша Вациќ од Српската десница и Бранка Стаменковиќ од „Суверенистите“.
Покрај претседателски, граѓаните на Србија во недела ќе гласаат и на предвремени парламентарни избори за кои се поднесени 19 листи, а ќе се одржат и редовни локални избори во Белград.