Насобраната група бегалци и мигранти во неутралната зона на граничниот премин меѓу Грција и Турција, но од турска страна, ја нападнала грчката полиција, со камења, дрвја и разни предмети, на што било одговорено со солзавец и шок бомби за да се повлечат.

Во обидот на грчката полиција да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија, од камен фрлен од другата страна полесно е повреден полицаец во пределот на лицето и бил пренесен во болница каде што му била пружена прва помош, јави МИА од Атина, повикувајќи се на грчките медиуми.
Полицијата употребила и цистерна со топови вода за растерување на насобраните групи, а од фрлените предмети на грчка страна, оштетени се две возила на војската.

Грчките и локалните медиуми денеска објавија дека на островите Лезбос, Иос и Самос, од турското крајбрежје денеска пристигнале околу 600 бегалци и мигранти.
Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека на Лезбос за шест часа пристигнале 10 чамци со околу 400 бегалци и мигранти.
„Од Грција добивме барање за дополнителна помош. Презедовме чекори за распоредување дополнителна техничка опрема и агенти во Грција“,
се вели во соопштението на портпаролот на Фронтекс во Брисел.
Фронтекс, како што се посочува, го подигнал степенот на предупредување за сите граници кон Турција.
Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, вчера испратил допис до Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, за, и на официјален начин да побара свикување вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ за ситуацијата во бегалското/мигрантското прашање, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на дипломатски извори.
Ситуацијата во Грција од вчера е прилично тензична откако Турција одлучи да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015-2026 се на нејзина тероторија кон Европа во знак на револт поради завчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.