Не е фер јавно да велите дека Договорот од Преспа треба да се укине, а зад затворени врати на меѓународните претставници да им кажувате дека Договорот е реалност што мора да ја прифатиме, вели шефот на дипломатијата во интервју за грчкиот весник „То Вима“
Мора да бидеме искрени со луѓето и конзистентни во пораките до гласачите, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за грчкиот весник „То Вима“, коментирајќи го разрешувањето на Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика поради непочитување на Уставот и новото уставно име.
„Некому може да му се чини фер да има таква агенда, но треба да сме свесни за последиците. Не е фер јавно да кажувате дека Договорот од Преспа треба да се укине, а зад затворени врати на меѓународните претставници да им кажувате дека тој е реалност што мора да ја прифатиме. (н.з. Пратениците на) ВМРО-ДПМНЕ во огромно мнозинство гласаа за Вашингтонскиот договор, но се обидоа јавно да ги експонираат оние што гласаа за амандманите на Уставот. Тие се против Договорот од Преспа, но ги сакаат плодовите од него“,
вели Димитров.
Што се однесува до спроведувањето на Договорот, објавува „То Вима“, тој верува дека „секогаш може подобро“, но и дека е позитивно тоа што „прашањата што се отвораат може да се дискутираат во добар дух, без да се доведува во прашање целиот процес“.
„Ние сме заедно во ова и треба да им покажеме на нашите граѓани дека тоа е во интерес на двете страни“, вели Димитров.