Европските фирми кои купуваат гас и кои работат на европска територија мора да плаќаат во евра. Затоа денес не е можно да се направи она што се бара, тоа не е договорно, изјави францускиот претседател
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема причина да се прифати барањето на Русија за рускиот гас да се плаќа во рубљи како што најави рускиот претседател Владимир Путин.
Европа се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас поради инвазијата на Украина, за што денеска е договорена испорака на гас од САД за европските земји.
На почетокот на оваа недела, Путин изјави дека „непријателските“ земји ќе купуваат гас со рубљи. Се смета дека овој потег е насочен кон зајакнување на руската валута, која изгуби над 20% од вредноста оваа година.
„Сите потпишани документи се јасни. Ова е забрането“,
рече Макрон на прес-конференцијата по самитот на Европската унија во Брисел.
„Европските фирми кои купуваат гас и кои работат на европска територија мора да плаќаат во евра. Затоа денес не е можно да се направи она што се бара, тоа не е договорно“,
додаде Макрон.