И покрај тоа што по разрешувањето на Фадил Зендели беа избрани нова претседателка и член на ова собраниско тело, од редовите на СДСМ, во Собранието сè уште не е почната постапката за избор на четворица нови уставни судии
Опозициската Левица поднела иницијатива до Уставниот суд со која се спори Одлуката на парламентот за разрешување на Фадил Зендели, пратеник од Беса, од член во собраниската Комисија за избори и именувања.
Од Уставниот суд соопштија денеска дека е оформен предмет по иницијативата на Левица за разрешувањето на Зендели, од 3 март од 3 март 2022 година.
„Во оваа фаза, предметот е распределен кај судија известител и советник кои треба да изготват реферат со соодветен предлог за одлучување понатаму“,
информираат од Уставниот суд.
Подносителот, како што се наведува во соопштението од Судот, смета дека оспорениот акт ја суспендира законската должност на пратеникот да учествува во работата и одлучувањето на работното тело, затоа што не може пратеник да биде разрешен од работното тело на Собранието без предлог на матичната Комисија за прашања на изборите и именувањата. Исто така, подносителот наведува дека предлог-одлуката не ги исполнувала кумулативно сите деловнички услови за да се најде на дневен ред.
„Според наводите во иницијативата, подносителот смета дека Одлуката е во спротивност со членови (8 ст.1, 51,61 ст.2, 68 ст.1 алинеја 16 и чл.76 ст.1) од Уставот и дека е во спротивност со Законот за пратеници, членови(4, 6 ст.4, 10 ст.1, 12 ст.1, 20, членови од Деловникот 69 ст.2,79 ст.1,108 ст.1 и 2, 117 ст.2, 125 ст.1,184 ст.2, 2 ст.7 алинеја 3). Подносителот на иницијативата предлага до Судот да биде изречена времена мерка – привремено запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот подзаконски акт“,
се додава во соопштението.
Собраниското мнозинство во почетокот на овој месец изгласа разрешување на Зендел од член на Комисијата за избори и именување, во која, по ланските локални избори и заминувањето на Беса од Владата, мнозинството, практично, го презеде опозицијата, што резултира со блокада на ова собраниско тело.
Поради блокадата на работата на Комисијата за избори и именувања беа закочени и изборот на нови членови на Уставниот суд, како и други именувања и комплетирањето на на другите собраниски комисии, по промените во составот на законодавниот дом по локалните избори.
Кон средината на март Собранието избра нови претседателка и член на Комисијата (на местото на Зендели) од редовите на СДСМ. Но во последните десетина дена, новата претседателка не закажа седница на Комисијата, за да почне постапката за избор на четворица нови уставни судии.