Шефот на државата на денешната церемонија го додели и признанието Повелба на Република Северна Македонија на: Факултетот за драмски уметности, на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ и на НУ Турски театар

Претседателот Стево Пендаровски им додели попладнево Орден за заслуги за Република Северна Македонија на актерката Милица Стојановска, на оперската певица Милка Ефтимова и на кошаркарката Стојна Вангеловска, на свечена церемонија во Филхармонија.
Според образложението, Милица Стојанова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот фундаментален придонес во основачките процеси на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивен развој во современото актерско мајсторство и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво.

Милка Ефтимова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност.

Стојна Вангеловска се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, воопшто.
Пендаровски денеска го додели и признанието Повелба на Република Северна Македонија на: Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.
На Факултетот за драмски уметности му се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 50-годишното постоење и за суштински и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна и автохтона театарска и филмска едукација.

На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата.

На Националната установа Турски театар ѝ се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 70-годишното постоење и за особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата така и во странство.
