Пред да замине за Полска, Бајден утрово треба да се сретне и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и се очекува да објави план за испорака на огромни количини течен гас за да се намали зависноста на Европа од руската енергија
Кога станува збор за ситуацијата на боиштата изминатото деноноќие, еден од позначајните настани е тврдењето на украинските власти дека уништиле руски десантен брод во окупираниот пристаништен град Бердјанск. Украинските власти, исто така, соопштија дека во изминатите 24 часа интервенирале на повеќе пожари и експлозии предизвикани од руското гранатирање
Порака од украинскиот претседател Володимир Зеленски до европските лидери дека „малку предоцна“ почнале со заканите и санкции за Москва, е еден од настаните кои го одбележаа изминатото деноноќие во руско-украинската криза.
Зеленски преку видео им се обрати на шефовите на држави на самитот на Европскиот совет во Брисел, од кои побара да не доцнат и со одобрувањето на украинското барање за пристапување во Европската Унија. Неговиот говор следеше и по вонредниот самит на НАТО кој, исто така, се одржа во Брисел.
Алијансата најави дека ќе испрати вкупно 40 000 војници во земјите што граничат со Украина: Словачка, Украина Бугарија и Романија.
Американскиот претседател Џо Бајден кој дојде во Европа и вчера присуствуваше на самитот на НАТО, денеска, ќе ја посети Полска и се очекува да се сретне и со украинските-бегалци на полско-украинската граница. Во оваа соседна држава на Украина, од почетокот на Руската инвазија влегоа повеќе од два милиони Украинци.
Со државниот врв на Полска, Бајден ќе разговара и за планот за бегалците.
„За време на посетата, Бајден ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда за да му се заблагодари за сè што прави народот на Полска и ќе разговара за координиран хуманитарен одговор“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Пред да замине за Полска, Бајден утрово треба да се сретне и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и се очекува да објави план за испорака на огромни количини течен гас за да се намали зависноста на Европа од руската енергија.
Кога станува збор за ситуацијата на боиштата изминатото деноноќие, еден од позначајните настани е тврдењето на украинските власти дека уништиле руски десантен брод во окупираниот пристаништен град Бердјанск.
Украинските власти, исто така, соопштија дека во изминатите 24 часа интервенирале на повеќе пожари и експлозии предизвикани од руското гранатирање. Според Министерството за внатрешни работи, службата за итни случаи изгаснала 13 пожари во Киев и шест во Харков.
Во Харков, покрај борбата со пожарите, тие ги расчистувале и урнатините од уништените згради.
Во Луганск, еден од отцепените региони на истокот од Украина, властите објавија дека руските сили со бомбардирањата погодиле повеќе од 30 објекти, вклучително и неколку блокови од кули и куќи.
Во Калиниква, мало гратче јужно од Киев, пак, локалните работници успеале да го стават под контрола пожарот што избувнал во складиште за нафта.
Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO