Панчевски се жалеше дека бил дискриминиран во споредба со сите други судии и претседатели на судови. Тој смета дека правата му ги повредиле Основниот суд во Велес и Апелацискиот суд во Скопје, кои донесоа осудителна пресуда во предметот за злоупотреби на АКМИС
Уставниот суд на Република Северна Македонија на денешната седница го отфрли барањето за заштита на слободите и правата, поднесено од поранешниот претседател на Основен Кривичен суд – Скопје, Владимир Панчевски, поради постоење процесни пречки.
Во образложението од Уставниот суд се вели дека пресудата на Апелацискиот суд КЖ.746/2020 од 14 јули минатата година е укината од Врховниот суд на 09 февруари годинава, што упатува дека постапката пред редовните судови сè уште не е завршена и недостасува еден од основните елементи предвидени во чл. 51 од Деловникот на Судот, односно постоење правосилен акт, за Уставниот суд да може да ја цени основаноста на поднесеното барање.
Подносителот Панчевски, преку полномошник Петро Јанура, адвокат од Скопје, во барањето до Уставен суд, смета оти со пресуди на Основниот суд во Велес и Апелацискиот суд во Скопје, му биле повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основа на социјалната припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус, како и по основа на политичката припадност, односно политичко уверување.