Оттаму реагираат оти големата акција на УЈП во која привремено, поради попис на резервите беа пломбирани дел од објектите на синџирот маркети КАМ, е политички мотивирана. Велат, ВМРО-ДПМНЕ и претходно предупреди дека работата на Управата е погрешно насочена
Под чудни околности се затвора еден од најголемите синџири маркети каде што граѓаните пазарат поевтино. Доведени се во прашање стотици работни места, а олигарсите од власта продолжуваат да печалат на грбот на народот, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со големата акција на УЈП во која 84 маркети на синџирот КАМ беа привремено пломбирани за да се изврши вообичаениот попис на продуктите во магацините и продавниците.
„Власта на СДС и ДУИ е должна да одговори дали зад ваквиот чекор стои политичка нарачка и елиминација на конкуренцијата на структури блиски до власта? Дали е точно дека се работи за нарачка директно од зградата на Илинденска за спас на коалицијата на власт, и заштита на еден од финансиерите на кампањата на политичка партија од власта?“,
реагираа во писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ претходно предупреди дека работата на УЈП е погрешно насочена, велат оттаму и додаваат оти била политички мотивирана.
Од Управата за јавни приходи (УЈП) вчера за „360 степени“ потврдија оти големата контрола врз 84 објекти од синџирот маркети КАМ во која учествуваа над 300 инспектори е насочена кон утврдување на магацинските резерви и во продавниците на овие маркети.
Објаснувајќи зошто биле ставени пломбите во маркетите, од УЈП демантираат дека објектите биле запечатени поради прекршочни санкции.
Оттаму укажуваат дека увидот во резервите е нивна редовна активности и тој може да се врши и при редовни контроли за ДДВ како метод преку кој го проверуваат приходот на даночните обврзници. Такви контроли за резервите, додаваат од Управата, изминатиот период вршеле и во продавници за облека, во трговијата на мало со овошје и зеленчук, а ќе продолжат и во иднина за сите сознанија што ќе ги добијат за евентуални нерегуларности.