Според добро упатени извори на кои се повикуваат американските медиуми, Бајден ќе предложи санкции и против членови на рускиот парламент кои ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден
Американскиот претседател Џо Бајден денеска заминува за Брисел на разговори со европските лидери за руската инвазија врз Украина, при што се очекува да произлезе воведување дополнителни санкции кон Москва.
Според добро упатени извори на кои се повикуваат американските медиуми, Бајден планира санкции и против членови на рускиот парламент кои ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.
Агендата на Бајден предвидува тој во 8:40 часот по локално време да замине од Белата куќа за Брисел, каде треба да се сретне со партнерите на САД во НАТО, европските лидери, а да ја посети и Варшава каде ќе има консултации со претседателот Анджеј Дуда.
Весникот „Волстрит џурнал“ пишува дека со санкции би можеле да се соочат 300 члена на руската Дума. Повикувајќи се на информации од портпарол на Белата куќа, весникот пишува дека не се донесени конечни одлуки за тоа кој и какви санкции ќе добие.
„Ќе имаме дополнителни мерки за санкции што ќе ги објавиме в четврток заедно со нашите сојузници на средбата на претседателот со нив“,
пренесува весникот изјава на наименуваниот претставник од Белата куќа.
Бајден уште на самиот почеток на руската инвазија врз Украина најави дека САД нема воено да се конфронтираат со Русија, но вети дека САД ќе ја бранат целата територија на НАТО. Притоа донесе наредба за распоредување неколку илјади американски војници во државите од источното крило на НАТО.