На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата, и донесе одлука за одобрување на влез и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на вежбата „Swift Response – 22“
Владата денешната 32-ра седница го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година, се вели во соопштението на владината прес служба.
„Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои им престанал работниот однос во текот на кризата предизвикана поради пандемијата со ковид-19, односно од 11.03.2020 година“,
велат од Влада.
Оперативниот план за вработување е предвидено да опфати 14 685 лица, а за програмите, мерките и услугите за вработување се предвидени повеќе од 1,8 милијарди денари.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата, и донесе одлука за одобрување на влез и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на вежбата „Swift Response – 22“.
Со оваа одлука Владата ги задолжува надлежните институции да преземат мерки за непречено преминување на државната граница на повеќе од 850 воени и цивилни моторни возила, 8 авиони, 24 хеликоптери, 5 беспилотни летала, вооружување, муниција, опрема и материјално-технички средства на вооружените сили на странските држави, на територијата на Република Северна Македонија.
Вежбата „Swift Response – 22“ е дел од вежбата „DEFENDER EUROPE 22“, со учество на поголем број припадници на армиите од НАТО Алијансата и Партнерството за мир, и ќе се изведува истовремено на 5 локации низ Европа.