Ако има резултат од тие сигнали, рече Бон мислејќи на позитивните сигнали меѓу Скопје и Софија за решавање на спорот, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме
Постои политичка волја во Софија и Скопје, но сѐ уште не може да се вети дека преговорите со Северна Македонија ќе започнат за време на француското претседателство.
Ова денеска го изјавил францускиот државен секретар за европски прашања, Клеман Бон, за време на прес-конференцијата после Советот за општи работи на ЕУ во Брисел, пренесе дописничката на МИА од Брисел.
Запрашан да ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оти Бугарија и С Македонија напредуваат во билатералните преговори, Бон потврди дека има позитивни сигнали.
„Бев во Бугарија после новата влада, разменив неодамна со бугарските власти и премиерот Петков, има сериозен ангажман и во Скопје и во Софија за да се најде решение за спорот, но не можам да прејудицирам, можам само да ги потврдам позитивните сигнали. Ако има резултат од тие сигнали, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме“,
изјави Бон.
Францускиот државен секретар потсети дека Бугарија е единствената која се противи на оваа одлука.