Наум Стоилковски денеска повторно упадна на прес-конференција на Дарко Каевски, кој пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше како опозициската партија од „голтарска стана најбогатата партија во Европа преку криминал и корупција“, всушност, реагирајќи на израз што викендов го употреби Христијан Мицкоски напаѓајќи ја власта
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилкоски, упадна денеска на прес-конференција на својот колега од противничкиот СДСМ, Дарко Каевски, по што двајцата влегоа во расправија во чиј партиски табор се кријат „голтарите“ во македонската политика, а откако ваков израз употреби опозицискиот лидер Христијан Мицкоски напаѓајќи ги политичарите од власта.
Каевски денеска одржа прес-конференција пред централата на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје реагирајќи на изјавата на Мицковски за време на викендот дека „во државава има политичари што како голтари влегуваат во политика, а излегуваат милионери и милијардери, кои после тоа отвораат дури и фондации“.
„ВМРО-ДПМНЕ е типичен доказ како од од голтарска партија се станува најбогатата партија во Европа преку криминал и корупција. Признанијата пред македонските судови на поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и пресудите како онаа за ’Титаник’ се само уште една потврда на тоа што јавноста многу добро го знае. Еве ја зад мене белата палата, симболот на криминалот, корупцијата и расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ. Од мала ’жолта куќа’ до ’бела палата’ на седум ката, вредна 40 милиони евра, со раскошни лустери, со скап мебел, теписи и уметнички дела. Побогата од партијата на Ангела Меркел, германската ЦДУ. Христијан Мицкоски е исто така класичен пример за тоа. Влезе голтар во политиката, па стана советник на Никола Груевски и сопственик на хидроцентрали и бизниси“,
зборуваше Каевски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, додека Стоилковски се надвикуваше со него оценувајќи дека тој е класичен пример за „голтар кој се збогатил од политика“.
„Ова е типичен пример како од голтар се станува милионер на 30 години, да се купуваат станови, да решава кој ќе биде конзул, дали зетот или шурата ќе биде конзул… Како направи четири милиони евра и еден куп станови, од кои еден сам си го купил? Многу ти беше тешко и затоа требаше да направиш пари со дедо ти од Еуростандард банка, додека луѓе не знаат како да си ги вратат парите“,
извикуваше Стоилковски обраќајќи му се на Каевски кој зборуваше пред новинари.
На изразот „голтари“, што Мицкоски често го употребува во последно време кога ги напаѓа политичките противници, реагираше и првиот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби.
Има многу членови во ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа како „голтари“, а излегоа како милионери од политиката, рече синоќа на ТВ 21 првиот вицепремиер Артан Груби.
„Го повикувам Мицкоски да се обрати до обвинителството ако има докази за корупција. Тоа што Мицкоски го зборува може да земе пример од неговите поранешни партиски членови, кои влегоа како ‘голтари’, а излегоа како милионери од политиката“,
рече Груби.
Во неделата, на настан во хотелот „Хилтон“, Мицкоски коментираше за антикризниот пакет мерки што ги подготви Владата, при што рече и дека во државава има политичари што како „голтари“ влегуваат во политика, а излегуваат милионери и милијардери, затоа што, според него, го полнат буџетот за да крадат.
„Побаравме да имаме намалување на акцизата на нафтените деривати, затоа што тука е практично, реалната поддршка за граѓаните и за стопанството, бидејќи акцизата е таа која што влегува во даночната основица со намалување на данокот на ДДВ, практично ние не ја спречуваме инфлацијата и не го спречуваме намалувањето на стандардот на граѓаните. И тоа не не послушаа и тоа го одбија, бидејќи повторно ќе кажам, го полнат буџетот за да крадат“,
рече Мицкоски.