Ова е трет состанок на четвртата работна група за билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот
Министрите за образование и наука на Бугарија и на Северна Македонија Николај Денков и Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Софија ќе потпишат програми и меморандуми за соработка во областа на образованието и науката, туризмот, културата, младите и спортот, јави МИА од Софија.
Според најавата од прес-центарот на бугарското Министерство за образование и наука по ова ќе сладат изјави на двајцата министри.
Ова е трет состанок на Четвртата работна група за билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.
На состанокот од македонска страна се и министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски.
Како што соопштија од Министерството за култура, во рамките на денешната средба е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои: Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година; Програма меѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; Меморандум за соработка во областа на младите и спортот, како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност.