Битиќи истакнал и дека „Владата е насочена кон интеграција и градење на партнерства со земјите во регионот“

Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на настанот на првата трговска мисија на компании од Грција во Северна Македонија, во организација на Американската Стопанска Комора во земјава и Американско-грчката стопанска комора, информираат од Влада.
На настанот, покрај вицепремиерот Битиќи, се обратија и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и Дејвид Бургер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Република Грција.
Првата трговска мисија на компании од Грција во Северна Македонија, собра повеќе од 30 компании и од двете земји, пред кои биле презентирани можностите за соработка и проширување на нивните потенцијали за развој врз основа на погодностите за инвестирање кои ги нуди нашата земја, преку различните програми за државна помош и преку Законот за стратешки инвестиции.
„Пред неколку години ги избришавме разликите меѓу домашните и странските компании. Сите компании кои работат во нашата земја добиваат исти можности. Да се аплицира и да се добие државна помош е процес кој е целосно отворен и транспарентен. Секоја компанија, секоја засегната страна е однапред свесна за поддршката што може да ја очекува при инвестицијата. Ова создава предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја и што е најважно, создава добра бизнис клима за инвеститорите, што ги поместува нашите граници и ја става Северна Македонија на мапата на земји со најатрактивна средина за инвеститори“,
истакна Битиќи во своето обраќање.

Битиќи истакнал и дека „Владата е насочена кон интеграција и градење на партнерства, како и тоа дека нашата земја нуди единствена можност за пласирање на пазарот, како и силни синџири за снабдување кои можат да се шират низ регионот на Западен Балкан“.
