Во обраќањето украинскиот претседател пушти и 20-секундна снимка од сирената за воздушен напад порачувајќи дека Украинците го слушаат тој звук „со часови, денови и недели“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното телевизиско обраќање апелираше до Германија да го спаси главниот град Киев.
„Киев порано го нарекуваа ‘нов Берлин’, тоа се градови со сличен дух, отвореност, емоции, слобода, искреност на луѓето, клубови и забава. Сега Киев е затворен. Тивко чека нови сирени за воздушен напад што ќе ги принуди луѓето да се засолнат“,
рече Зеленски, пренесен од Си-eн-eн.
Украинскиот претседател пушти и 20-секундна снимка од сирената за воздушен напад порачувајќи дека Украинците го слушаат тој звук „со часови, денови и недели“.
„Звукот на сирената е нешто со кое Украинците живеат, работат и се обидуваат да спијат. Тие ги лекуваат раните, раѓаат бебиња и умираат“,
додаде тој.
Зеленски додаде и дека Европа и особено Германците „имаат моќ“ да извршат притисок врз Русија, порачувајќи им дека без „вашата трговија, вашите компании и банки, Русија нема да има пари да ја финансира оваа војна“
Украинскиот претседател ги повтори повиците на неговата земја за затворање на европските пристаништа за Русија, за откажување од руските извори на енергија и прекин на снабдувањето од Русија.
„Сигурен сум дека мирот е можен. Но, треба да работите за да го постигнете тоа. Секој од вас во Германија, во Европа. За Киев повторно да се вика нов Берлин, за нашите улици и плоштади да бидат безбедни како вашите“,
рече Зеленски.