Станува збор за рационализирање на некои основни прехранбени производи во Русија, особено откако нагло се зголемила побарувачката за шеќер, пишува весникот „Комерсант“
Војната во Украина, но и економските санкции почнуваат да се одразуваат на секојдневниот живот во Русија. И додека од повеќе делови од светот доаѓаат информации за панично купување на некои намирници, весникот „Комерсант“ објавува дека такво нешто се случува и во Русија, пренесе Би-би-си.

Станува збор за рационализирање на некои основни прехранбени производи во Русија, особено откако нагло се зголемила побарувачката за шеќер.
Во далечниот источен поморски регион, супермаркетите вовеле ограничувања од два килограми по клиент за шеќер, брашно, ориз, хељда, сол и макарони, два литри растително масло и три тегли бебешка храна, објавува дневниот весник „Комерсант“.
Во Хабаровск, град во тој регион, имало панично купување шеќер, по што тој буквално исчезнал од полиците на многу супермаркети, јавува локалната новинска агенција.
Сепак, заменик-министерот за индустрија и трговија Виктор Евтухов инсистира дека „нема проблем со шеќерот“ бидејќи Русија произведува доволно за себе и го забрани извозот на шеќер.

Синџирот супермаркети во Санкт Петербург „Вкустер“ во изјава за „Комерсант“ исто така потврдува дека ја ограничува продажбата на шеќер на два килограми по клиент.
„Кога еден клиент ќе наполни цела корпа со вреќи со шеќер, другите го гледаат и размислуваат за складирање резерви“,
вели директорот на „Вкустер“, Сергеј Плис.
Минатата недела националната статистичка служба Росстат соопшти дека цените на шеќерот скокнале за речиси 13 отсто.
Санкциите воведени поради руската инвазија на Украина сериозно ја ослабнаа рубљата и ја поттикнаа инфлацијата, зголемувајќи ги цените на храната.
Најголема загриженост за Русите во моментов е недостигот од резерви со храна во нивните локални супермаркети – и зголемената цена на стоката што се уште е достапна, јавува Би-би-си, од својот известувач на самото место.
Тој вели дека немало шеќер во неговиот локален супермаркет во Москва кога го посетил во неделата, а продавницата вовела неколку ограничувања за прехранбените производи за да се спречи паничното купување.
Солта и маслото за јадење се меѓу секојдневните прехранбени продукти за кои исто така се воведуваат ограничувања во однос на количината која може да се купи.
