Вицепремиерот за европски прашања вели дека не постои негативна комуникација помеѓу двете влади и дека новиот пристап даде резултати
Односите со Бугарија се смирени, провокациите се сведени на минимум. Генерално, не постои негативна комуникација помеѓу двете влади. Тоа значи дека новиот пристап даде резултати и дека успеавме да ја нормализираме комуникацијата, за таа да се одвива на повеќе нивоа, оцени вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, коментирајќи за односите Скопје – Софија, во гостување во „Утрински брифинг“.
Во врска со посетата на високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел, на Скопје минатата недела, како што рече, „никој не очекува дека треба некој нешто да ни вети, но очекуваме во моментот кога ќе се завршат сите обврски околу реформите и кога ќе ги надминеме разликите со Бугарија, веднаш да се отворат преговорите“.
„Нам не ни треба никакво ветување, затоа што сме имале многу, а не се оствариле, и мислам дека јавноста не треба да се вознемирува во таа насока. Наш интерес е да ги почнеме преговорите и во моментот кога ќе ги завршиме сите разногласија со Бугарија очекуваме ЕУ веднаш без одложување, да ги почне преговорите“,
нагласи Маричиќ.
Според него, секоја посета на висок претставник на ЕУ за нас е позитивна и добра вест, без разлика на негативниот одек во јавноста, алудирајќи на изјавата на Борел дека ЕУ не може да ни вети датум туку волја за почеток на преговори.
„Треба да сме задоволни од посетата на Борел, бидејќи таа беше во еден тежок момент. Треба да сме задоволни, бидејќи нејзина цел, барем како што ни беше пренесено, беше ЕУ да покаже внимание кон државите од Западен Балкан и да се заблагодари, особено нам на Северна Македонија и на Албанија, за поддршката што ја дадовме за Украина, со тоа што доброволно се приклучивме кон санкциите на ЕУ, Целта беше да се даде поддршка за тоа и да се даде поттик за продолжување на разговорите со Бугарија,“
рече Маричиќ во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.
Во врска со менаџирањето на економската криза предизвикана од војната во Украина, и дали се очекува помош на ЕУ во таа сфера, Маричиќ вели дека во комуникација сме и со ЕК и со меѓународни финансиски институции за тоа на кој начин најбрзо и најдобро да и се помогне на Северна Македонија.