Опозицијата обвинува дека власта иако знаела дека следува криза, непродуктивно ги трошела парите на граѓаните. Од СДСМ возвратија дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги партизираат општините и ги „крчмат“ општинските буџети, како и дека загриженоста за економскиот стандард на граѓаните е само глума на Мицкоски
ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека мерките на власта за штедење се задоцнети и дека власта иако знаела дека следува криза, се луксузирала. Оттаму велат дека нема институција која не правела непродуктивни трошоци во време на криза.
„Од ноември, од кога владата на СДСМ и ДУИ знаеле за кризата потрошиле над 2 милиони евра за луксуз. Мерките на штедење кои сега ги промовираат се според народната после свадба тапани. Тие за 5 месеци потрошија пари, па сега ќе штеделе. За овие 5 месеци владата потрошила 300 илјади евра за цвеќиња, кафиња и хотелски услуги. Министерството на Артан Груби потрошило 30 илјади евра за перење коли, ажурирање веб сајт, жардињери. МВР во време на криза набавило мебел во вредност од 250.000 евра, а министерствата на Маричиќ, Османи и Николовски околу 2,5 милиони денари за перење на возила и мебел“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак, возвратија дека додека Христијан Мицкоски глуми загриженост за економскиот стандард на граѓаните, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ „крчмат“ општински буџети за партиски вработувања и аздисување. Владејачката партија обвинува дека секој ден имало нов случај на оштетување на општинските буџети за партизација на општините од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како и непродуктивни трошоци.
„Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски ќе потроши 12,2 милиони денари или 200.000 евра за привремени вработувања во општината. Стефковски ќе потроши и 200.000 денари или над 3.000 евра за набавка на топли напитоци. Во време кога градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се жалат дека немаат пари и најавуваат некаква радикализација, Стефковски троши над 200.000 евра за партизација, што е двојно повеќе од градоначалникот на Кисела Вода, Ѓорѓиевски кој за вдомување на партиски кадри ќе потроши 100.000 евра. ВМРО-ДПМНЕ останува симбол на расипничко и криминално трошење на народни пари, партизација и дејствување против граѓаните“,
се вели во реакцијата на владејачката партија.
