Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, не исклучува дека би се пријавила на конкурсот за избор на нов државен обвинител ако актуелниот – Љубомир Јовески, биде избран за судија на Уставниот суд.
Таа ова го изјави во интервју за емисијата „360 степени“ емитувана вечерва на ТВ Алсат.
Русковска вели дека досега не го слушнала своето име меѓу кандидатите за евентуален наследник на Јовески. Но, на прашањето – дали би се пријавила на конкурсот за државен обвинител ако Јовески стане уставен судија, Русковска одговори:
„Искрено да ви кажам, немам многу размислувано, бидејќи имаме актуелен државен обвинител. Доколку биде избран за судија, можеби и ќе размислам.“
Мандатот на Русковска на шефовското место во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција истекува во ноември оваа година, а според Законот за јавно обвинителство, новиот шеф на оваа институција ќе се бира на непосредни избори. Русковска повеќепати досега изјавуваше, а тоа го потврди и во ова интервју, дека нема намера да се кандидира на тие избори.
Како опции по завршување на тековниот мандат, Русковска спомена заминување во пензија или, ако има конкурс, да се пријави за обвинител во републичкото обвинителство.